ПАРТНЕРСТВО СО ИНСТИТУЦИИТЕ ЗА ОБУКИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО

Тесно соработуваме со институциите за обуки во правосудството (JTIs) низ регионот во создавањето, испораката и спроведувањето на сите активности на мрежата.

Во јули 2022 година, потпишавме Меморандум за соработка со секоја од институциите за обуки во правосудството во регионот, за официјално да го означиме почетокот на нашата соработка за формирање на GCJ мрежата.

Со потпишувањето на овие билатерални договори, AIRE Центарот воспостави соработка со институциите за обуки во правосудството во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, поставувајќи ги темелите за идните активности на Мрежата.

Албанска школа за судии

По потпишувањето на Меморандумот за соработка, професорот Сокол Бербери [Sokol Berberi] од Албанската школа за судии изјави:

“Обуките и семинарите за родова еднаквост во Албанската школа за судии имаат за цел да вкоренат во умовите на судиите дека ефективноста на законодавството за родовата еднаквост во голема мера зависи од неговата примена и толкување, бидејќи судиите се стратешки поставени да ја воспостават таа ефективност преку правилна примена на тоа законодавство во нивните пресуди, особено во промовирањето и унапредувањето на правата на жените. Иницијативата GCJ дополнително придонесува за позитивната вредност што регионалните правосудни академии и школи ја стекнаа преку долгогодишната соработка со AIRE Центарот. AIRE Центарот е еден од најстарите партнери на Школата. Нашата соработка датира од 1999 година, кога заедно со Советот на Европа организиравме обука за судии и обвинители. Унапредувањето на нашето партнерство со овој Меморандум за соработка, уште еднаш ја повторува нашата подготвеност да продолжиме да работиме заедно кон имплементирање на заедничките цели за професионална обука, бидејќи правосудната обука всушност претставува многу важен фактор за борба против нееднаквостите и неправдите”.

Центар за едукација на судиите и обвинителите на Федерацијата Босна и Херцеговина

Директорот на Центарот за едукација на судиите и обвинителите на Федерацијата на Босна и Херцеговина Арбен Муртезиќ [Arben Murtezić] по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Денес е важен ден од повеќе причини. Прво, правиме уште еден чекор кон зајакнување на регионалната соработка, чија важност не бара елаборација. Второ, самата тема на Меморандумот, родовата еднаквост, е една од клучните теми во секое демократско општество и не треба да се штедат напори за нејзино остварување. Драго ни е што AIRE Центарот е тој што ги поддржува и ги модерира овие активности, со оглед на нивното огромно искуство и исклучително позитивните искуства кои сите во регионот ги имале во соработката со оваа светски позната организација”.

Центар за едукација на судиите и обвинителите на Република Српска

Директорот на Центарот за едукација на судиите и обвинителите на Република Српска Томислав Чавиќ [Tomislav Čavić] по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Континуирано работиме на градење на свеста на судиите и обвинителите за потребата од обука и едукација. Верувам дека таа цел ја постигнавме во изминатите 20 години. Судиите и обвинителите ја препознаваат важноста на континуираното работење и информирање и подобрување на самите себе. Фактот што денеска овде со нас се претставници на правосудните академии и институции од целиот регион, како и од цела Европа, е уште една потврда за нашата работа. Денешното презентирање на GCJ Мрежата ќе обезбеди висококвалитетна правосудна обука за подигнување на свеста за родовата еднаквост и сузбивање на родовата пристрасност и стереотипите како причини за дискриминација на жените. Континуираната обука на судиите ќе го спречи ризикот од родова пристрасност и од стереотипите кои ја поткопуваат непристрасноста на судиите. Конечно, судовите се обврзани ефективно да го заштитат остварувањето на правата и слободите кои се поврзани со родовата еднаквост и содржани во меѓународните конвенции и релевантните меѓународни инструменти”.

Академија за правда на Косово

Директорот на Академијата за правда на Косово Енвер Фејзулаху [Enver Fejzullahu] по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Косовската академија за правда е задоволна што е дел од напорите за воспоставување на судската мрежа на родовите шампиони во (GCJ Мрежа), што ќе се постигне денеска кога ќе биде потпишан Меморандумот за соработка од страна на правосудните академии и центрите за обука во регионот. Признавајќи ја важноста на обуките во областа на родовата еднаквост, Косовската академија за правда во 2017 година започна со спроведување на обуките за родовата еднаквост и недискриминација и оттогаш редовно ги обезбедува за судиите, обвинителите и правните професионалци во судството и пошироко. Обуките опфаќаат и материјално и процесно право што ги регулира имотот, вработувањето, наследувањето и управувањето”.

Центар за обука во судството и државното обвинителство на Црна Гора

Љиљана Лакиќ [Ljiljana Lakić], Претседателка на Центарот за обука во судството и државното обвинителство на Црна Гора, по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Црногорскиот центар за обука во судството и државното обвинителство, како национална институција за обуки во правосудството, долго време ја препознава важноста од континуирано проширување на знаењето за родовата еднаквост, како преку почетна обука на кандидатите за судии и обвинители, така и преку континуираната обука на судиите и на државните обвинители. Морам да нагласам дека AIRE Центарот е еден од нашите први и најважни партнери. Нашата соработка, која започна во 2000 година, вклучува активности за усовршување на вештините и знаењата за примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во однос на сите области релевантни за работата на судството”.

Aкадемија за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија Наташа Габер Дамјановска по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Родовата еднаквост е втемелена како граѓанско и политичко право во Уставот на Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека еднаквите права на жените и мажите се од суштинско значење за севкупниот развој и напредок на општеството, Академијата вклучи обука за родова еднаквост и во нејзините првични и континуирани програми за обука. Понатамошното унапредување на овие права бара поголема свесност за родовата еднаквост и намалување на бројот на родово засновани кривични дела. Ова е причината зошто Академијата, во тандем со своите меѓународни партнери, вклучувајќи го и AIRE Центарот, се залага за фокусирање на овие европски вредности од страна на стручната заедница, особено судството”.

Правосудна академија на Србија

Директорот на Правосудната академија на Србија Ненад Вујиќ [Nenad Vujić] по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Обуките за родова еднаквост се еден од програмските приоритети на српската Правосудна академија. Тие се дел и од наставната програма за почетна обука за идните судии и обвинители и од континуираната обука на судиите и обвинителите. Регионалната соработка со поддршка на AIRE Центарот, долгогодишен партнер на институциите за обуки во правосудството во регионот, дополнително ќе ги подобри обуките за родовата еднаквост, како и судските и обвинителските практики во врска со ова важно прашање”.

Share This