Нашата структура

Членови

Регионален одбор

Покровители

Партнерство со институциите за обуки во правосудството

Поширока соработка

ЧЛЕНОВИ

GCJ Мрежата е составена од судии од шесте правни системи на Западен Балкан, во сите фази од нивната кариера. Сите членови се обврзуваат на унапредување на родовата еднаквост како во начинот на кој ги спроведуваат законите така и со тоа што придонесуваат во нивната работна средина на начин што е погоден за просперитетот и на жените и на мажите.

Регионалниот одбор кој е составен од високи експерти од целиот регион ги развива стратегијата, насоката и приоритетите на мрежата, осигурувајќи дека Мрежата се грижи и за локалните и за регионалните области на интерес, проблеми и приоритети.

Членството во нашиот Регионален одбор продолжува да расте. До крајот на 2022 година тој ќе биде составен од судии и експерти од сите правни системи кои се учесници во Мрежата.

ЧЛЕНОВИ НА РЕГИОНАЛНИОТ ОДБОР

Билјана Брејтвејт [Biljana Braithwaite]

Програмска директорка за Западен Балкан, AIRE Центар

Билјана ја води Програмата за владеење на правото за Западен Балкан на AIRE Центарот. Таа во период на повеќе од 20 години испорача повеќе од педесет обемни проекти за владеење на правото, во партнерство со клучните национални институции и меѓународни агенции. Тие вклучуваа родова еднаквост и други форми на техничка помош, обуки за човекови права, законодавни реформи, добро владеење и борба против корупцијата и организираниот криминал. Како правничка со образование оформено на Универзитетот во Белград и на Институтот „Раул Валенберг“ при Универзитетот во Лунд, Билјана ја започна својата кариера во белградскиот Центар за човекови права. Таа го основала и е еден од уредниците на стручниот правен билтен „Човековите права во Европа“ (Human Rights in Europe), кој сега го издаде неговото 150-то издание. Од неодамна таа е коавтор на серија водичи за судии, носители на одлуки и практичари во Југоисточна Европа, кои се фокусираат на низа теми за човековите права, вклучувајќи ги правичното судење и независното судство, миграцијата, КОВИД-19 и неговото влијание врз човековите права и родовата еднаквост во судската пракса на ЕСЧП. Таа е членка на одборите на AIRE Центарот во САД и International Bridges to Justice (Меѓународни мостови кон правдата).

Косана Бекер [Kosana Beker]

Експертка за родова еднаквост

Косана Бекер докторирала во Центарот за родови студии при Универзитетот во Нови Сад на тема интерсекциска дискриминација на жените. Таа долги години е активистка за човекови права и адвокатка, особено во областа на правата на жените. Во моментов, таа е Програмска директорка на Организацијата за женски права FemPlatz и работи како консултант во областа на антидискриминацијата и родовата еднаквост. Таа е авторка и коавторка на бројни извештаи, анализи и публикации за спроведување на националното и меѓународното законодавство за антидискриминација, за правата на жените и за правата на лицата со попреченост.

Сабина Ѓапо [Sabina Đapo]

Програмска менаџерка на Програмата за владеење на правото во Западниот Балкан

Сабина раководи со целокупната програма за владеење на правото во Западниот Балкан. Таа работи со менаџери на одделни проекти за да ги поддржи во нивните активности на планирање и спроведување на проектите, управување со ресурсите и обезбедување координација и синергија во сите проекти. Таа ја предводи работата на Центарот во областа на мониторинг и евалуација и го согледува во целина процесот на менаџирање на односите со донаторите. Таа има повеќе од 20-годишно искуство во управување со програми и проекти во меѓународни и мултинационални организации, со големи достигнувања во стратешкото планирање, развојот и спроведувањето на програми и проекти, испитувањето и оценувањето на остварените резултати. Нејзината работа е особено сосредоточена на доброто владеење, отчетноста, транспарентноста и економскиот развој. Во изминатите 5 години таа првенствено се сосредоточуваше на родовата рамноправност, конкретно сосредоточувајќи се на економско зајакнување на жените. За време на пандемијата на КОВИД-19, Сабина организираше голем број сесии со универзитетите во БиХ за подзастапеноста на жените во јавниот живот, остварувајќи контакти со повеќе од 300 студенти и професори. Кога работеше во Британската амбасада во Сараево, Сабина работеше на развој на Родовата заложба, интерен документ во кој се наведени организациските заложби за еднакви права на мажите и жените

Вања Радевиќ [Vanja Radevic]

Правна експертка

Во текот на нејзината кариера, Вања Радевиќ извршуваше различни функции во црногорскиот правосуден систем и владините институции. По работата во Вишиот суд на Црна Гора, таа го продлабочи нејзиното знаење за човековите права работејќи како советничка на застапникот на Црна Гора пред Европскиот суд за човекови права. За време на 42-то Собрание на црногорската Влада таа ја извршуваше функцијата советничка на премиерот за надворешна политика. Била членка на различни работни групи во рамките на Советот на Европа што се однесуваат на граѓанскиот сектор и на националните институции за заштита на човековите права. Таа, исто така, е коавторка на бројни публикации кои го анализираат спроведувањето на законодавството во врска со човековите права во Црна Гора.

Арѓана Шехи Кало [Ardjana Shehi Kalo]

Aдвокатка и раководна партнерка во АК Партнерс Легал & Консалтинг

Арѓана Шехи Кало, има над 30-годишно професионално искуство, претежно како правничка во Албанија. Арѓана е раководна партнерка во АК Партнерс Легал & Консалтинг. Таа работела како правничка, правна консултантка и обучувач за бројни меѓународни организации (на пример, за невладини организации и агенции за развој), како и за странски амбасади, меѓународни групи за консалтинг, претпријатија кои се на списокот на најуспешни на Fortune [Форчун] и високообразовни институции.

Во период од повеќе години, Арѓана предавала и обучувала на Академијата за судии и јавни обвинители во Албанија. Таа е авторка на многу правни статии кои биле објавени во домашни и странски публикации и е коавторка на три правни книги. Неколку години Арѓана била на листата IFLR100 на високо ценети адвокати и била назначенa правнa советничка на Австриската амбасада во Тирана.

Во текот на нејзината професионална кариера, Арѓана била вклучена во родови прашања; таа се залагала за законски права на жените и особено за нивното економско зајакнување. За таа цел таа, исто така, била членка на одбори на организации и проекти фокусирани на правата за родова рамноправност и други родови прашања. Исто така, таа учествувала во визуелни уметнички проекти како средство за унапредување на правата на жените. Арѓана настојува да биде пример за жените во Албанија.

Арѓана завршила постдипломски студии по деловно право на Правниот факултет на Универзитетот во Тирана. Исто така, таа има магистерски дипломи од постипломските студии за деловна администрација на Универзитетот во Тирана и на Универзитетот во Небраска (САД).

Лејла Коњиќ Драговиќ [Lejla Konjic Dragovic]

Cудијка на Судот на Босна и Херцеговина

Лејла Коњиќ Драговиќ, вршела разни функции во текот на нејзината кариера во правниот систем на Босна и Херцеговина. Таа била судијка од 2010 година и работела на сите видови кривични предмети, вклучувајќи ги оние кои се однесуваат на повреди на човековите права. Таа е едукатор на Центарот за едукација на судии и јавни обвинители на Федерацијата на Босна и Херцеговина и е сертифициран обучувач на Советот на Европа.

Таа била членка на разни работни групи на различни теми поврзани со родово-базирано насилство, вклучувајќи ги семејното насилство, кривичното дело силување и остварувањето на правото на имотноправни барања итн. Таа е авторка и коавторка на неколку публикации во врска со, меѓу другото, кривичните дела силување и семејно насилство во правосудниот систем. Исто така, таа пишувала за судската пракса во Босна и Херцеговина.

Лејла има диплома од Правниот факултет на Универзитетот во Сараево и исто така магистерска диплома од европски студии на Универзитетот во Болоња. Нејзиниот магистерски труд бил на темата „Остварување на правото на правично судење според членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи“. Лејла го положила правосудниот испит во ноември 2006 година.

Марина Наумовска [Marina Naumovska]

Правна експертка

Марина Наумовска, повеќе од 20 години работела на програми за правосудна реформа на меѓународно и домашно ниво. Таа го предводела тимот на Меѓуресорската група за реформа на правосудниот сектор и јавната администрација во Северна Македонија и била помошничка (заменичка) на министерот за правда.

Таа работела како програмскa менаџерка, специјалист за правосудство и обучувач во програми за развој на капацитети за човекови права кои биле дел од меѓународни иницијативи. Голем дел од нејзината работа во областа на обуката на судии бил извршен во рамките на активности поддржани од ЕУ и Советот на Европа. Таа работела со институции од Западниот Балкан, Кавказ, Летонија, Португалија, Турција и Украина. Работела и со Светската банка, ОБСЕ и други меѓународни институции.

Марина е авторка и коавторка на бројни публикации, создала прирачници и водичи за разни прашања поврзани со човековите права и владеењето на правото и одржала повеќе од педесет обуки за судии. Нејзините неодамнешни проекти вклучувале реперни студии за еднообразна примена на судската пракса, за најдобри практики во правосудните системи за обука и за оценувања на работата на судиите врз основа на стандардите на Советот на Европа и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права.

Марина дипломирала на правни студии на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје.

Мирјана Поповиќ [Mirjana Popovic]

Cудијка на Апелациониот суд на Црна Гора

Мирјана Поповиќ, е судијка на Апелациониот суд на Црна Гора и претседателка на Црногорското здружение на женски судии (ЦЗЖС).

Мирјана ја почнала нејзината правна кариера како адвокатка, а потоа станала судијка на Основниот и Вишиот суд во Подгорица. Нејзиниот стаж во судството е подолг од 25 години. Од 2017 година таа е членка на Консултативниот совет на европски судии (КСЕС) на Советот на Европа, избрана од Црна Гора (КСЕС е независно тело на Советот на Европа, составено исклучиво од меѓународни судии). Од 2018 година Мирјана ја извршувала функцијата известувач на КСЕС за родова рамноправност.

Нејзините должности како известувач на КСЕС за родова рамноправност, во комбинација со нејзините должности како судијка, ја инспирирале Мирјана да го развие своето знаење за важноста на родовата рамноправност во судството – прашање кое е од клучно значење за транспарентноста, правичноста и отчетноста на судството. За да се подобрат прашањата сврзани со интегритет на родовата рамноправност во судството и за да се подигне свеста за родовата рамноправност, воопшто, Мирјана во февруари 2023 година го иницирала и основала првото Црногорско здружение на женски судии (ЦЗЖС).

Мирјана дипломирала на Правниот факултет на Универзитетот во Подгорица и го положила црногорскиот правосуден испит.

Бранкица Јанковиќ [Brankica Jankovic]

Повереничка за рамноправност

Бранкица Јанковиќ, била Повереничка за заштита на рамноправноста на Република Србија откако била избрана на таа функција од страна на Народното собрание на Република Србија во 2015 и 2020 година. Од 2012 до 2014 година таа била државен секретар во Министерството за труд, вработување и социјална политика. Пред тоа била директорка на Геронтолошкиот центар во Белград.

Бранкица била членка на Геронтолошкото друштво на Србија во изминатите петнаесет години. Ова ја вклучило неа во заштита на човековите права на старите граѓани. Исто така, таа била волонтерка на Црвениот крст на Србија и почесна членка на Клубот за палијативна нега Bel Hospice [Бел Хоспис]. Таа била членка на разни професионални и стручни здруженија на полето на социјалната заштита.

Бранкица била вклучена во подготвување на разни национални стратегии и правни документи и објавила бројни стручни трудови и публикации на теми од областа на правата на старите граѓани и жени и особено за борбата против родово-базираното насилство. Бранкица добила повеќе награди за нејзината работа, вклучувајќи „Придонес на годината за Европа“ за 2018 година и наградата на ОБСЕ „Личност на годината“ за 2017 година.

Таа дипломирала на Правниот факултет на Универзитетот во Белград, ги завршила нејзините постипломски студии на Правниот факултет на Универзитетот во Нови Сад и е студентка на докторските студии на Факултетот за безбедност во Белград.

Мрежата ужива поддршка од Одборот на покровители, составен од еминентни правници, вклучително и од Европскиот суд за човекови права. Покровителите размислуваат и советуваат за перспективите на меѓународното право, нудат поддршка и увид во нивните области на експертиза и споделуваат искуство и знаење. Признавајќи дека за ефективно да се справиме со родовата нееднаквост и жените и мажите треба да се заложат за каузата, поранешниот Претседател на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано, ја зазема позицијата на Претседател на Одборот на покровители. Се надеваме дека неговата позиција како Претседател на Одборот ќе ги инспирира мажите, како и жените судии ширум регионот да се вклучат во работата на Мрежата и да преземат акција за да се борат против родовата нееднаквост.

НАШИТЕ ПОКРОВИТЕЛИ

Роберт Спано [Robert Spano]

Претседател на Одборот на покровители и поранешен Претседател на Европскиот суд за човекови права

Роберт Спано, поранешен Претседател на Европскиот суд за човекови права, во 2013 година беше избран за Судија на Судот во однос на Исланд. Тој ја вршеше функцијата Претседател на оддел од мај 2017 година, Потпретседател на Судот од мај 2019 година, како и Претседател на Судот од мај 2020 сѐ до 31 октомври 2022 година. Пред да ја преземе неговата судиска функција, тој беше парламентарен народен правобранител на Исланд од 2009-2010 година и повторно во 2013 година. Беше декан на Правниот факултет на Универзитетот во Исланд од 2010-2013 година, а за Професор по право беше избран во 2006 година. Тој беше Претседател на Постојаниот комитет на експерти по кривично право во исландското Министерство за правда од 2003-2009 и од 2011-2013 година. Тој исто така беше исландски делегат во Европскиот комитет за проблеми со криминалот и независен експерт во Комитетот Ланзароте на Советот на Европа. Судијата Спано дипломирал на Универзитетот во Исланд и на Универзитетот во Оксфорд.

Сиофра О’Лири [Siofra O’Leary]

Претседателка на Европскиот суд за човекови права

Síofra O’Leary, President of the European Court of Human Rights, is the judge elected in respect of Ireland and is the first woman to hold the position of President of the Strasbourg Court. Сиофра О’Лири, Претседателката на Европскиот суд за човекови права, е судијка избрана во однос на Ирска и беше првата жена која ја држеше позицијата на Претседател на Судот во Стразбур. Назначена во 2015 година, таа ја извршуваше функцијата Претседател на Петтиот оддел од јануари 2020 година како и функцијата Потпретседател на Судот од јануари 2022 година до октомври 2022 година. Пред да му се приклучи на Европскиот суд за човекови права, судијката О’Лири работела речиси две децении во Судот на правдата на Европската унија каде извршувала и правосудни и административни задачи. Паралелно со нејзината работа во двата европски суда, судијката О’Лири е гостин-професорка на Колеџот на Европа во Бриж. Таа учествувала во уредувачкиот одбор на Common Market Law Review („Правна ревија за заедничкиот пазар“), а сега е членка и на неговиот Советодавен одбор и на Одборот на Ирскиот центар за европско право, како и членка на Здружението на правни научници. Во 2016 година, таа беше избрана за почесна членка на Honorable Society of King’s Inns.

Како дипломка на Универзитетскиот колеџ во Даблин (BCL) и постдипломка на European University Institute (PhD), судијката О’Лири претходно била помошник-директорка на Центарот за европски правни студии на Универзитетот во Кембриџ, соработник на колеџот Емануел. Гостин-соработник на Правниот факултет при Универзитетскиот колеџ во Даблин, постдокторски соработник на Универзитетот во Кадиз, Шпанија, и научен соработник на Институтот за истражување на јавна политика во Лондон. Објавувала во голем дел во академски списанија и правни монографии за заштита на темелните права во правото на ЕУ и според ЕКЧП, правото на ЕУ за работните односи, слободното движење на лица и услуги и државјанството на ЕУ генерално.

Ивана Јелиќ [Ivana Jelić]

Судијка во Европскиот суд за човекови права

Ивана Јелиќ е судијка на Европскиот суд за човекови права избрана во однос на Црна Гора во 2018 година. Таа е членка на Комисијата за правни науки при Црногорската академија на науки и уметности од 2015 година. Таа е членка на Сенатот на Црногорското здружение на правници од 2018 година. Пред да му се приклучи на Судот таа беше вработена како Вонреден Професор на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора. Таа ја вршеше функцијата потпретседателка и членка на Комитетот за човекови права на Обединетите нации (2015-2018). Таа исто така работеше и како независна експертка во различни тела на Советот на Европа (2007-2018), а меѓу другото, и како известителка за родови прашања и како втор потпретседавач на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (2012-2016). Таа студирала право на Универзитетот на Црна Гора, Универзитетот во Белград, на Правниот факултет на Беркли при Универзитетот на Колумбија во Беркли и на Правниот факултет Колумбија во Њујорк како стипендист (JFDP fellow) на Програмата за развој на млади истражувачи (JFDP fellow). Таа поседува диплома за завршени магистерски (LL.M) студии (од 2004 година) и докторски (PhD) студии (од 2007 години) по меѓународно јавно право од Правниот факултет во Белград при Универзитетот во Белград, Србија.

Паралелно со нејзината работа на Универзитетот и во Судот, Судијата Јеличиќ е истакнат гостин-професор како стипендист на програмата „Mercator“ на Слободниот универзитет во Берлин (2016/2017 година), а била и гостин-професор на Европа Институтот на Универзитетот во Саарланд од 2019 година. Таа е членка на Советодавниот одбор на „Израелската правна ревија“ (Israel Law Review) и советодавен уредник на „Балканскиот годишник на европско и меѓународно право“ (Balkan Yearbook of European and International Law). Таа има објавувано во голем обем во академските журнали и публикации за меѓународна заштита на фундаменталните права согласно ЕСЧП и МПГПП, за владеење на правото, за родовата еднаквост и малцинските права.

Мирјана Лазарова Трајковска

Судијка на Врховниот суд на Република Северна Македонија

Мирјана Лазарова Трајковска беше избрана во Врховниот суд на Република Северна Македонија во март 2020 година. Од февруари 2008 до февруари 2017 година беше судијка во Европскиот суд за човекови права. Од ноември 2015 до февруари 2017 година беше Претседателка на Првиот оддел на Европскиот суд за човекови права. Од 2003 до 2008 година беше судијка на Уставниот суд на Република Македонија. Од 2001 до 2003 година била раководител на Секторот за човекови права во Министерството за надворешни работи. Од 2002 до 2003 година била Претседател на Државната изборна комисија во Република Македонија. Во мај 2018 година, таа била гостин-професорка по човекови права на Универзитетот Ренмин во Кина во Пекинг. Во 2017 година, таа била гостин-соработник на Правниот факултет на Универзитетот во Бирмингем, Обединетото Кралство и на Правниот факултет на Католичкиот универзитет во Лил, Франција.

Таа била членка на Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија). Била и заменик-претседателка на Советот за демократски избори, членка на Надзорниот комитет за човекови права при Советот на Европа и членка на Работната група на Комитетот на експерти за државјанство на Cоветот на Европа (CJ-NA-GT) кој работи на Конвенцијата за избегнување на бездржавјанство во контекст на сукцесијата на државите.

Леди Бјанку [Ledi Bianku]

Судија на Уставниот суд на Босна и Херцеговина

Леди Бјанку ја извршува функцијата меѓународен судија на Уставниот суд на Босна и Херцеговина. Исто така, од 2018 година тој е и вонреден професор на Универзитетот во Стразбур. Од 2008-2019 година бил судија во Европскиот суд за човекови права во однос на Албанија. Претходно бил член на Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија) од 2006-2008 година. Тој, исто така, претседавал со националното тело за аудио-визуелни медиуми од 2006 до 2007 година. Предавал меѓународно јавно право, право на ЕУ и право за човекови права на Правниот факултет во Тирана и на Албанската школа за судии од 1993-2007 година. Тој исто така ја вршел функцијата на правен советник за различни национални и меѓународни тела, а моментално е член на Етичкиот комитет на Фондацијата „Принц Алберт Втори“ (Prince Albert II Foundation). Г-дин Бјанку има дипломирано на Универзитетот во Тирана и на Колеџот на Европа во Бриж.

ПАРТНЕРСТВО СО ИНСТИТУЦИИТЕ ЗА ОБУКИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО

Тесно соработуваме со институциите за обуки во правосудството (JTIs) низ регионот во создавањето, испораката и спроведувањето на сите активности на мрежата.

Во јули 2022 година, потпишавме Меморандум за соработка со секоја од институциите за обуки во правосудството во регионот, за официјално да го означиме почетокот на нашата соработка за формирање на GCJ мрежата.

Со потпишувањето на овие билатерални договори, AIRE Центарот воспостави соработка со институциите за обуки во правосудството во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, поставувајќи ги темелите за идните активности на Мрежата.

Албанска школа за судии

По потпишувањето на Меморандумот за соработка, професорот Сокол Бербери [Sokol Berberi] од Албанската школа за судии изјави:

“Обуките и семинарите за родова еднаквост во Албанската школа за судии имаат за цел да вкоренат во умовите на судиите дека ефективноста на законодавството за родовата еднаквост во голема мера зависи од неговата примена и толкување, бидејќи судиите се стратешки поставени да ја воспостават таа ефективност преку правилна примена на тоа законодавство во нивните пресуди, особено во промовирањето и унапредувањето на правата на жените. Иницијативата GCJ дополнително придонесува за позитивната вредност што регионалните правосудни академии и школи ја стекнаа преку долгогодишната соработка со AIRE Центарот. AIRE Центарот е еден од најстарите партнери на Школата. Нашата соработка датира од 1999 година, кога заедно со Советот на Европа организиравме обука за судии и обвинители. Унапредувањето на нашето партнерство со овој Меморандум за соработка, уште еднаш ја повторува нашата подготвеност да продолжиме да работиме заедно кон имплементирање на заедничките цели за професионална обука, бидејќи правосудната обука всушност претставува многу важен фактор за борба против нееднаквостите и неправдите”.

Центар за едукација на судиите и обвинителите на Федерацијата Босна и Херцеговина

Директорот на Центарот за едукација на судиите и обвинителите на Федерацијата на Босна и Херцеговина Арбен Муртезиќ [Arben Murtezić] по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Денес е важен ден од повеќе причини. Прво, правиме уште еден чекор кон зајакнување на регионалната соработка, чија важност не бара елаборација. Второ, самата тема на Меморандумот, родовата еднаквост, е една од клучните теми во секое демократско општество и не треба да се штедат напори за нејзино остварување. Драго ни е што AIRE Центарот е тој што ги поддржува и ги модерира овие активности, со оглед на нивното огромно искуство и исклучително позитивните искуства кои сите во регионот ги имале во соработката со оваа светски позната организација”.

Центар за едукација на судиите и обвинителите на Република Српска

Директорот на Центарот за едукација на судиите и обвинителите на Република Српска Томислав Чавиќ [Tomislav Čavić] по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Континуирано работиме на градење на свеста на судиите и обвинителите за потребата од обука и едукација. Верувам дека таа цел ја постигнавме во изминатите 20 години. Судиите и обвинителите ја препознаваат важноста на континуираното работење и информирање и подобрување на самите себе. Фактот што денеска овде со нас се претставници на правосудните академии и институции од целиот регион, како и од цела Европа, е уште една потврда за нашата работа. Денешното презентирање на GCJ Мрежата ќе обезбеди висококвалитетна правосудна обука за подигнување на свеста за родовата еднаквост и сузбивање на родовата пристрасност и стереотипите како причини за дискриминација на жените. Континуираната обука на судиите ќе го спречи ризикот од родова пристрасност и од стереотипите кои ја поткопуваат непристрасноста на судиите. Конечно, судовите се обврзани ефективно да го заштитат остварувањето на правата и слободите кои се поврзани со родовата еднаквост и содржани во меѓународните конвенции и релевантните меѓународни инструменти”.

Академија за правда на Косово

Директорот на Академијата за правда на Косово Енвер Фејзулаху [Enver Fejzullahu] по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Косовската академија за правда е задоволна што е дел од напорите за воспоставување на судската мрежа на родовите шампиони во (GCJ Мрежа), што ќе се постигне денеска кога ќе биде потпишан Меморандумот за соработка од страна на правосудните академии и центрите за обука во регионот. Признавајќи ја важноста на обуките во областа на родовата еднаквост, Косовската академија за правда во 2017 година започна со спроведување на обуките за родовата еднаквост и недискриминација и оттогаш редовно ги обезбедува за судиите, обвинителите и правните професионалци во судството и пошироко. Обуките опфаќаат и материјално и процесно право што ги регулира имотот, вработувањето, наследувањето и управувањето”.

Центар за обука во судството и државното обвинителство на Црна Гора

Љиљана Лакиќ [Ljiljana Lakić], Претседателка на Центарот за обука во судството и државното обвинителство на Црна Гора, по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Црногорскиот центар за обука во судството и државното обвинителство, како национална институција за обуки во правосудството, долго време ја препознава важноста од континуирано проширување на знаењето за родовата еднаквост, како преку почетна обука на кандидатите за судии и обвинители, така и преку континуираната обука на судиите и на државните обвинители. Морам да нагласам дека AIRE Центарот е еден од нашите први и најважни партнери. Нашата соработка, која започна во 2000 година, вклучува активности за усовршување на вештините и знаењата за примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во однос на сите области релевантни за работата на судството”.

Aкадемија за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија Наташа Габер Дамјановска по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Родовата еднаквост е втемелена како граѓанско и политичко право во Уставот на Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека еднаквите права на жените и мажите се од суштинско значење за севкупниот развој и напредок на општеството, Академијата вклучи обука за родова еднаквост и во нејзините првични и континуирани програми за обука. Понатамошното унапредување на овие права бара поголема свесност за родовата еднаквост и намалување на бројот на родово засновани кривични дела. Ова е причината зошто Академијата, во тандем со своите меѓународни партнери, вклучувајќи го и AIRE Центарот, се залага за фокусирање на овие европски вредности од страна на стручната заедница, особено судството”.

Правосудна академија на Србија

Директорот на Правосудната академија на Србија Ненад Вујиќ [Nenad Vujić] по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави:

“Обуките за родова еднаквост се еден од програмските приоритети на српската Правосудна академија. Тие се дел и од наставната програма за почетна обука за идните судии и обвинители и од континуираната обука на судиите и обвинителите. Регионалната соработка со поддршка на AIRE Центарот, долгогодишен партнер на институциите за обуки во правосудството во регионот, дополнително ќе ги подобри обуките за родовата еднаквост, како и судските и обвинителските практики во врска со ова важно прашање”.

ПОШИРОКА СОРАБОТКА

Ние се занимаваме со пошироко засегнатите страни, вклучително и полициските службеници, обвинителите, социјалните работници и претставниците на медиумите кои известуваат за родови прашања, како и криминал и насилство поврзани со родот, како корисници на обуките и на градењето на капацитетите, но и како учесници во дискусии, дебати, тематски состаноци и консултации.

Ние исто така извлекуваме бенефит и од придонесот на поширок регионален круг на експерти, советници, консултанти и службеници кои го споделуваат своето знаење, експертиза и искуство за да информираат за активностите на Мрежата, секогаш кога е тоа релевантно.

Share This