Дали судството може делотворно да се справи со проблемот на фемицид?
12 септември 2023 година

Во изминатите четири години (2018-2022), во Република Северна Македонија имаше кривично гонење во 17 случаи на фемицид заради убивање на 19 жени. За истакнување е тоа што повеќето од жртвите биле или тековни или поранешни интимни партнери на сторителите или имале семејни врски со нив, а убиствата во сите испитани случаи биле извршени во стан, куќа или двор каде што живеела жртвата, се наведува во извештајот „Фемицид во Република Северна Македонија: Состојба, правна рамка и судска пракса‟, презентиран на денешната конференција во Скопје.

Конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западниот Балкан – Меѓународни стандарди и пракса на судовите‟, организирана од AIRE центарот и Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, собра преку 100 судии и други правни професионалци, доносители на одлуки, активисти и претставници на невладини и меѓународни организации. Учесниците ги испитуваа правните и општествените аспекти на фемицидот, со цел да ги споделат нивните согледувања и да дискутираат за стратегии кои можат да придонесат кон подобра заштита на жените и справување со проблемот на фемицид и сите други облици на родово-базирано насилство.

Мнозинството од фемицидите кои беа испитувани како дел од овој извештај биле извршени со употреба на ладно оружје, а огненото оружје е второто најзастапено оружје што било користено при убиствата. Мнозинството од 17-те сторители биле невработени и имале психоза. Од 17 судски постапки што беа испитувани како дел од овој извештај, судот во 14 случаи утврдил дека сторителите биле виновни и ги осудил на казна затвор. Во три постапки биле одредени мерки на безбедност (задолжителен третман во здравствена установа), со оглед на фактот дека сторителите не биле пресметливи во времето на извршувањето на кривичното дело.

Северна Македонија презеде значителни чекори во насока на усвојување на меѓународните стандарди и донесување на правни акти чија цел е ефективно гонење за родово-базирано насилство и спречување на тоа насилство – кои се меѓу најиновативните и најпроактивните во регионот. Сепак, нивното ефективно спроведување останува проблематично.

Кренар Лога [Krenar Lloga], министер за правда на Северна Македонија, изјави дека мора да има „нулта толеранција за насилството врз жените, бидејќи тоа е груба повреда на човековите права и дискриминација врз жените‟.

Тоа е повреда на човековите права што се заканува не само на сигурноста и безбедноста на жртвите, туку и ги попречува жените и девојчињата да бидат целосни и еднакви учесници во општеството. Во 2018 година ја ратификувавме Истанбулската конвенција, со што се обврзавме во нашето законодавство да ги вградиме стандардите од овој меѓународно обврзувачки документ кој утврдува дека насилството врз жените е родово-базирано насилство и бара од државите да воведат нови кривични дела и да ги усогласат постојните. Воедно, донесовме и Акциски план за спроведување на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и домашно насилство. Заради имплементација на стандардите содржани во Инстанбулската конвенција, Собранието на Република Северна Македонија оваа година го донесе Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.‟, објасни Лога.

Децении и години наназад зборуваме за родовата еднаквост, колку е важна во превенција и препознавањето на насилството врз жените. Заедно со претставниците на институциите и граѓанскиот сектор гласно зборуваме и се обидуваме да допреме до секоја жена, да влијаеме на секоја приказна која вклучува било каков акт на насилство. Но и покрај гласноста, постојаната едукација, покрај променетиот институционален пристап, унапредување на законската рамка, законската обврска за должно внимание со кое треба да се пристапува кон секој случај, спроведување на голем број на кампањи за подигање на свеста сепак насилството врз жените и понатаму е присутно, често непријавено, неказнето а за жал во изминатиот период бевме сведоци и на зголемен број фемициди.”, кажа Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика на Северна Македонија.

Ниедно насилство нема своја оправданост, а најмалку кога истото е од родово базирани пориви. Како фукнционер во оваа Влада, но како жена пред сѐ ќе се борам за што поголемо унапредување и зацврстување на позицијата на жената во нашето општество и што поголема казнивост на оној што ќе се осмели да посегне по животот на некоја од нас”, кажа Викторија Аврамовска – Мадиќ, заменик министер за правда на Северна Македонија.

Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, кажа дека „во Северна Македонија сè уште нема посебна евиденција за случаи на фемицид‟. Токму затоа, извештајот „Фемицид во Северна Македонија‟ настојува да даде увид во сегашната состојба преку испитување на нормативно-системската рамка, заедно со анализирање на судската пракса од периодот 2018-2022 година.

Новите измени на Кривичниот законик, иако експлицитно не го користат терминот „фемицид“, успешно го опишуваат ова квалифицирано кривично дело според современото сфаќање за него. Генерално гледано, законската рамка по однос на родово-базираното насилство и семејното насилство дава добри основи за делување, но мора уште многу да се работи за да зајакне самата нејзина имплементација. Исто така, сериозно треба да се работи на формирањето на казнена политика која поадекватно и построго ќе го казнува сторителот на ова дело.‟, објасни Габер-Дамјановска.

Метју Лосон [Matthew Lawson], Британски амбасадор во Северна Македонија, истакна: „Ставање крај на насилството врз жените е еден од врвните приоритети во нашата меѓународна стратегија за жени и девојчиња. Нашите тековни програми во Северна Македонија се доказ за активната поддршка за справување со проблемите со кои жените и девојчињата сè уште се соочуваат во денешното општество. Чест ни е што сме партнери со AIRE центарот и работиме со правосудниот сектор за да се истакнат прашањата поврзани со закани врз жените и родовата еднаквост во земјата. Во партнерство со UNFPA (Популационен фонд на Обединетите Нации) и Министерството за труд и социјална политика, исто така нудиме поддршка за имплементација на законот со кој се уредува спречување и борба против родово-базирано насилство. Работиме и со Националниот младински совет на Македонија и со мрежата Стела со цел да помогнеме да го подобриме пристапот на млади жени и девојки до пазарот на труд.‟

Фемицидот, најекстремниот облик на насилство врз жени, е актуелен и горлив проблем ширум светот, а регионот на Западниот Балкан не е исклучок. Со цел да се идентификуваат најчестите предизвици, како и можностите за подобрување на судската пракса, AIRE центарот и FemPlatz [ФемПлац] објавија „Регионален извештај за судскиот одговор на фемицидот во Западниот Балкан‟, што ги испитува правните рамки и судските пракси во врска со овие кривични дела.

Истражувањето на правната рамка и судската пракса во случаи на фемицид во последните четири години во Северна Македонија е еден од регионалните истражувачки проекти што беа спроведени со користење на истата методологија. Сите спроведени студии беа анализирани и споредени од AIRE центарот и FemPlatz [ФемПлац], што резултираше со ’Регионален извештај за фемицид‘ со неколку препораки за сите земји‟, објасни Косана Бекер, програмска директорка на FemPlatz [ФемПлац] и членка на Регионалниот одбор на Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност (Мрежата СПЈРР).

Treba да се нагласи дека Северна Македонија е првата земја во регионот на Западниот Балкан која воведе посебно кривично дело фемицид со неодамнешните измени на Кривичниот законик од март 2023 година. Нашиот регионален извештај јасно ја покажува потребата за одделно инкриминирањее на фемицидот и ние сме многу задоволни од фактот дека Северна Македонија е позитивен пример на добра пракса во регионот. Сега судтвото во Северна Македонија треба да ја спроведе таа одредба во практиката, како и да ги исполни другите препораки од Регионалниот извештај, во блиско содејство со AIRE центарот и Мрежата СПЈРР‟, објасни Бекер.

Публикациите „Фемицид во Република Северна Македонија: Состојба, правна рамка и судска пракса‟ и „Регионален извештај за судскиот одговор на фемицидот во Западниот Балкан‟ може да се најдат на официјалната веб страна на Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност.

Share This