Сараево е домаќин на конференција за превенција од фемицид
25 март 2022, Сараево, БиХ

Сараево беше домаќин на конференцијата „Борба против фемицидот во Босна и Херцеговина – меѓународните стандарди и судската пракса на судовите на БиХ“, организирана од AIRE Центарот во соработка со Врховниот суд на Федерацијата БиХ, Врховниот суд на Република Српска и Апелациониот суд на округот Брчко во БиХ. Поддржани од Владата на Обединетото Кралство, организаторите ги собраа на едно место претставниците на судовите и обвинителствата, институциите и невладините организации од Босна и Херцеговина за да разговараат за подобрување на работата на правосудните институции во гонењето и спречувањето на фемицидот.

Роберт Спано [Robert Spano], Претседател на Европскиот суд за човекови права, беше еден од главните говорници кој зборуваше за судската пракса на Европскиот суд за човекови права во областа на родово заснованото насилство. „Конвенцијата им наметнува позитивни обврски на институциите за спроведување на законите во однос на случаите на родово заснованото насилство. Тие мора да усвојат родово чувствителни истражни мерки кои ќе ги земат предвид структурите на моќ и моделите на однесување кои се во основата на насилството што често се манифестира во оваа област“, изјави претседателот Спано.

На конференцијата беше претставена Анализата на праксата на судовите во процесуирањето на фемицидот и обидите за фемицид во Босна и Херцеговина. Оваа анализа опфати 34 судски постапки спроведени во периодот од почетокот на 2017 година до средината на 2021 година пред судовите во Босна и Херцеговина. Билјана Брејтвејт, Програмската Директорка за Западен Балкан на AIRE Центарот, истакна дека Анализата покажала дека насилството на мажите врз жените е многу распространето и дека мора да се посвети посебно внимание на ова прашање и во Босна и Херцеговина.

„Публикацијата претставува корисна поддршка на напорите за застапување за инкриминирање на фемицидот како посебно кривично дело против животот и телото, како и поддршка за зајакнување на капацитетите на судството и на другите институции и експерти кои работат на подигање на свеста за негативните ефекти од родовите стереотипи, промовирање на култура на родова еднаквост и спречување на сите форми на дискриминација на жените“, додаде директорката Брејтвејт.

Мет Филд [Matt Field], британскиот амбасадор во БиХ, изјави дека фемицидот и обидот за фемицид се најекстремните форми на насилство врз жените и изрази задоволство што Обединетото Кралство има можност да го поддржи истражувањето на толку важна област за општеството во БиХ.

„Потребно е да се зајакнат капацитетите на судовите и обвинителствата и истовремено да се работи на подигнување на свеста и елиминирање на дискриминацијата, на родовите предрасуди и стереотипи во целото општество“, нагласи амбасадорот Филд. Анализата покажа дека за ефикасно спречување на фемицидот потребно е да се подобри положбата на жената во сите области од општествениот живот, да се работи систематски на деконструкција на родовите стереотипи и предрасуди и да се променат патријархалните родови обрасци, да се интегрира родовата перспектива во сите државни политики и да се зајакнат кривично-правните институции, како и да се спроведуваат програми за обуки на стручни лица во социјалните, здравствените и образовните институции.

Share This