На Меѓународниот ден на човековите права: Судиите од целиот регион ги здружуваат силите за да ја зајакнат родовата рамноправност
10 март 2022 година

AIRE центарот го одбележа Меѓународниот ден на човековите права преку запознавање на пошироката јавност со неодамна формираната Мрежа на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност (Мрежа СПЈРР), составена од истакнати судии и судијки од целиот регион кои се посветени на јакнење на родовата рамноправност во земјите од Западниот Балкан. Ова е прва мрежа што ги обединува судските професионалци во регионот за унапредување на родовата рамноправност. Мрежата СПЈРР ќе има своја интернет платформа (www.gcjnetwork.org), која ќе собере експерти во оваа област, ќе спроведува регионални онлајн програми за обука и на своите членови и членки ќе им обезбеди можности за споделување вештини, знаење и искуство.

Работата на Мрежата СПЈРР е координирана од AIRE центарот во соработка со институциите за обука на судии и судијки во регионот, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство. Примарната мисија на оваа мрежа на судии/судијки од Западниот Балкан, ангажирани во борбата против родовите предрасуди и стереотипи, е да се залага за родова рамноправност преку практиките на сите национални судови и регионалната соработка во градењето на свесност за родовата рамноправност во судството. Во контекст на заштитата на човековите права, програмската директорка на AIRE центарот за Западниот Балкан, Biljana Braithwaite [Билјана Брејтвејт], истакна дека е важно да се препознае кои групи најчесто се подложени на повредување на човековите права и да се утврди како судските системи можат да придонесат за ефикасна заштита на нивните права.

„Иако жените и мажите се еднакви пред законот, жените во нашиот регион сè уште се во инфериорна положба во однос на мажите во сите сфери на јавниот и приватниот живот. Жените се соочуваат со бројни предизвици, нивните стапки на вработеност се пониски, поседуваат помалку имот, што ги става во економски неповолна положба. Тие се особено погодени од значително и широко распространето родово-базирано насилство. За жените во балканските општества да живеат не само живот без страв, туку и целосно да учествуваат во сите негови аспекти, таквото насилство мора да се спречува и казнува, а на жените мора да им се гарантира еднаков пристап до услуги и еднаквост во уживањето на сите нивни права. Без судовите во крајна линија да обезбедат примена на законите, ние остануваме на ниво на декларации. Оттука е важноста на пораката што правосудните системи ја испраќаат со основањето на оваа мрежа: Ја препознаваме важноста на родовата рамноправност и подготвени сме да придонесеме за остварување на човековите права и слободи во регионот“, рече директорката Брејтвејт.

Меѓу покровителите на Мрежата СПЈРР се претседателката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) Siofra O’Leary [Сиофра О’Лири], поранешниот претседател на ЕСЧП Róbert Spanó [Роберт Спано] и судии од регионот: Ивана Јелиќ, Мирјана Лазарова Трајковска и Ledi Bianku [Леди Бианку].

„Родовата рамноправност е од централно значење за заштитата на човековите права, функционирањето на демократијата и доброто управување, како и почитувањето на владеењето на правото и унапредувањето на благосостојбата за сите. Мрежата СПЈРР е исклучително релевантна, во вашиот регион и низ цела Европа. Горда сум што сум една од нејзините покровител(к)и“, рече претседателката на ЕСЧП О’Лири.

„Судовите се составен дел од начинот на кој го гледаме уредувањето на општествената реалност. Ако сакаат успешно да се движат низ сложените предизвици на животот, тие мора да ги разберат основните структури на моќ и обрасците на човековото однесување што го оживотворуваат законот. Затоа, континуираното образование за прашања како што е родовата рамноправност е важен дел од судиската функција. Родовата еднаквост е еден од столбовите на секое општество кое се стреми да биде вистинска демократија водена од владеењето на правото. Чест ми е што сум претседател на Одборот на покровители на Мрежата СПЈРР. По секоја цена мора да се бориме против родовата дискриминација во кој било облик, а особено против насилството врз жените. Својата кариера, не само во последните 9 години како судија, тогашен претседател на Европскиот суд за човекови права, ја посветив на обезбедување рамноправност на мажите и жените како најтемелно човеково право. Судиите се на првата линија на оваа битка, особено во регионот. Мажите и жените мора да ја играат својата улога овде со еднаква сила. Со нетрпение очекувам да ја играм мојата улога и да ѝ дадам целосна поддршка на Мрежата“, рече Роберт Спано.

Мрежата СПЈРР е основана од AIRE центарот во партнерство со судските академии и центрите за обука на судството и обвинителството во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, кои се приклучија кон Мрежата во јули 2022 година. Директорката Брејтвејт истакна дека заедничките активности ќе имаат за цел да ја изградат свесноста за природата и последиците на родовите стереотипи во општествата на Западниот Балкан, за нивните негативни ефекти врз судските одлуки и за улогата на судството во решавањето на тие прашања.

„Мрежата СПЈРР ќе се надоврзува на вештините, знаењата и практиките на судиите во врска со родовата рамноправност и родовите стереотипи. Заедно, ние мора да го поттикнеме ефективно применување на националните, европските и меѓународните правни инструменти за родова рамноправност и да ја олесниме размената на вештини, знаења, искуства и идеи во врска со родовата рамноправност меѓу судиите и правните практичари од целиот регион. И, конечно, Мрежата СПЈРР ќе го поддржи подобрувањето на професионалниот и личниот развој на судијките во регионот. Би сакале да им се заблагодариме на сите кои ја поддржаа иницијативата. Да го одбележиме Меѓународниот ден на човековите права со отворање ново поглавје во судството, посветено на залагање за родова рамноправост“, заклучи директорката Брејтвејт.

Share This