Најголемиот регионален судски форум за родова рамноправност отворен во Белград
2 јуни 2023 година

Земјите од Западниот Балкан имаат добри закони, но поради нивното неделотворно применување, жените сè уште се една од најранливите категории во регионот.

Преку 100 клучни правосудни чинители од регионот и пошироко, вклучувајќи ги претседателката и судии/судијки на Европскиот суд за човекови права, претседатели/претседателки на судови, судии/судијки, претставници на други државни институции од регионот, универзитетски професори и претставници на невладини организации, се собраа денес во Белград на вториот регионален судски форум „Родовата рамноправност и Западниот Балкан“, организиран од AIRE центарот, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, во соработка со Повереничката за заштита на рамноправноста во Србија и невладината организација FemPlatz [ФемПлац]. Целта на Форумот е да се осврне на прашањето како судството може делотворно да одговори на различните видови родова нерамноправност и насилство во Западниот Балкан. На Форумот беше заклучено дека земјите од регионот претежно имаат сеопфатни закони, но големиот број случаи на родово-базирано насилство и дискриминација покажува дека Западниот Балкан е сè уште далеку од применувањето на постоечките решенија во праксата, поради што жените сè уште се многу ранлива категорија.

„Преку расветлување на потребата да се справиме со прeдрасудите, дискриминацијата, па дури и насилството врз жените и девојките во нашите општества, како што тоа ќе го направи Родовиот форум, ние се приближуваме до постигнување родова рамноправност. На крајот на краиштата, не можете да ја измените реалноста без претходно да ја именувате и разберете. Напредокот зависи не само од законите – иако правото е моќна алатка – туку и од оние кои се залагаат за промени и кои се обидуваат да ги приспособат традициите, ставовите и навиките додека го развиваат и применуваат законот“, рече Síofra O’Leary [Сиофра О’Лири], претседателка на Европскиот суд за човекови права на отварањето на Форумот.

„Експертите истакнуваат дека законите на земјите од Западниот Балкан се меѓу најдобрите кога станува збор за борбата против дискриминација и насилство, а покрај тоа ги имаат усвоено и сите најважни меѓународни стандарди за заштита на правата на жените. Меѓутоа, поради нивното неделотворно применување, жените сè уште се една од најранливите категории во општеството. Сведоци сме на повреди на нивните права, што е видливо во голем број случаи на родово-базирано насилство и фемициди во регионот. Податоците покажуваат дека жените најчесто се несигурни во своите домови, а насилници во повеќето случаи се лицата кои им се најблиски, односно членовите на нивното семејство или нивните партнери. Покрај тоа, секоја нова криза, како што е глобалната пандемија на КОВИД-19, води до нова ерупција на насилство“, рече Biljana Braithwaite [Билјана Брејтвејт], програмскa директорка на AIRE центарот за Западниот Балкан.

„Меѓутоа, насилството на кое сме сведоци е само симптом на поголем проблем со кој се соочува овој регион. Нерамноправноста е длабоко вкоренета во регионот, таа е испреплетена со секој дел од јавниот и приватниот живот на жените во Западниот Балкан. Родово-базираното насилство и вознемирување, нееднаквиот пристап до образование, дискриминацијата на работното место, недоволната застапеност на раководни позиции и фактот дека жените сè уште поседуваат помалку имот од мажите, се проблеми со кои жените се соочуваат секојдневно. Ова е најважната тема на Форумот, бидејќи судството има моќ делотворно да казнува во случаи на дискриминација и насилство и да одвраќа од вршење на такви дела во иднина“, објасни Брејтвејт.

„Родово-базираното насилство ги загрозува животите и благосостојбата на девојките и жените насекаде, спречувајќи ги да остварат пристап до можности кои се темелни за слободата и развојот: образование, здравство и работни места. Унапредувањето на родовата нерамноправност и ставањето крај на родово-базираното насилство не е само вистинска работа што треба да се направи, туку и темел на сите здрави демократии и економии. Фокусот на денешниот форум беше важна можност да го развиеме нашето колективно знаење за одговорност за родово-базираното насилство, што е важен дел од осигурување побезбедна иднина за жените и девојките насекаде. Обединетото Кралство стои цврсто во нашата посветеност да се залагаме за правата на жените и девојките и да бараме правда за оние кои доживеале родово-базирано насилство“, рече [Alicia Herbert OBE] Алиша Херберт, носителка на Редот на Британската Империја, директорка за образование, род и рамноправност на Службата за странскиот Комонвелт и развој (FCDO) и специјална пратеничка на Обединетото Кралство за родова рамноправност.

Повереничката за заштита на рамноправноста во Србија, Бранкица Јанковиќ, истакна дека многу загрижува бројот на убиства и родово-базирано насилство врз жените во целиот регион, поради што одржувањето на Вториот судски форум „Родовата рамноправност и Западниот Балкан“ е исклучително важен настан за регионалниот дијалог за решавање на овие проблеми.

„Овој форум дава можност судските и другите релевантни професионалци да разменат искуства и знаења, со крајна цел да се оствари делотворна борба против семејното и партнерското насилство. Навременото препознавање на насилството и проценката на неговото ниво на опасност, делотворната размена на информации меѓу релевантните институции и применувањето на мерки насочени кон зајакнување и осигурување на безбедноста на жените се витални аспекти во решавањето на прашањето на родово-базираното насилство, кои се исто така како важни како и гонењето и санкционирањето на сторителите“, рече Јанковиќ.

Една од главните теми на овогодинешниот форум е ефикасен судски одговор на фемицид и други случаи на родово-базирано насилство во регионот, а судиите и другите експерти ќе разговараат за најдобрите практики поврзани со истрагата, гонењето и казнувањето на овие кривични дела. Покрај тоа, како дел од Форумот ќе биде претставен и Регионалниот извештај за одговорот на судството на фемициди во Западниот Балкан.

„Фемицидот, односно родово-базираното убивање на жените, е феномен што е присутен и распространет во сите земји, но не се зборува доволно за оваа најтешка форма на насилство врз жените, особено во судските кругови. Истражувањето на судската пракса во врска со фемицидот во сите земји, покрај одредени разлики и специфичности за секоја земја, покажа многу сличности, поради што овој форум е можност со судии од сите земји да се разговара за препораките дадени во извештајот, кои ја опфаќаат целата постапка, од правилна квалификација на кривичното дело до пресудување и казнување“, рече Косана Бекер, програмска директорка на невладината организација Фемплац и авторка на овој извештај.

Земјите од Западниот Балкан споделуваат слични проблеми кога станува збор за борбата за родова рамноправност. Затоа, AIRE центарот, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, ја формираше Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност.

„Насилството врз жените е сеприсутно и многу тешко повредување на човековите права. Тоа е ендемско, постојано присутно во нашите заедници. Судскиот систем е основна компонента на правдата и одговорноста за кривичните дела извршени врз жените. Меѓутоа, за да биде ефективен, сите учесници во тој систем мора да имаат знаење и алатки за да ги разберат основните општествени обрасци на родово-базираното насилство и неговото потекло. Форумот е важен дел од нашите напори во овој поглед“, рече Róbert Spanó [Роберт Спано], претседател на Одборот на покровители на Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност и поранешен претседател на Европскиот суд за човекови права.

Денес мрежата собира над 60 судии од регионот, а за нејзините следни чекори ќе се разговара на вториот ден од Форумот. Примарната мисија на оваа мрежа е да ги подобри вештините, знаењата и праксата на судството во однос на родовата рамноправност и родовите стереотипи, да поттикне делотворна примена на домашните, европските и меѓународните правни инструменти, како и да поттикне професионален и личен развој на судијките во регионот.

Share This