Мрежа на родовите шампиони во правосудството основана во Сараево
12 јули 2022, Сараево, БиХ

Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со AIRE Центарот во јули 2022 година, сите центри за обуки во правосудството во регионот ѝ се приклучија на иницијативата за формирање на Мрежата на родовите шампиони. Иницијативата беше покрената на почетокот на април на Судскиот форум за родова еднаквост во Будва, чии учесници ја истакнаа потребата од координиран пристап кон обуката на професионалците во правосудството по однос на ова прашање во целиот регион на Западен Балкан.

„Зајакнувањето на еднаквоста е важна цел во земјите ширум Европа. Сепак, неколку социјални фактори во Западен Балкан го прават ова прашање особено важно за регионот. Широко распространетото насилство врз жените, постоењето на родовите стереотипи, недоволната застапеност на жените во политиката и на високите работни позиции, како и влијанието на КОВИД-19 врз веќе социјално ранливите жени се само дел од факторите поради кои од суштинска важност е да се подобрува статусот на жените во регионот. Жените се еднакви пред законот, но не и во пракса. Имплементацијата на законот и на мерките за постигнување на родовата еднаквост остануваат сериозен предизвик, а домашните судови и правните експерти од целиот регион играат витална улога при давањето одговорот на овој предизвик“, изјави Билјана Брејтвејт [Biljana Braithwaite], Програмска директорка за Западен Балкан на AIRE Центарот.

Со потпишувањето на билатералните договори, AIRE Центарот воспостави соработка со институциите за обуки во правосудството во Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, поставувајќи ги основите за активностите на Мрежата. Имплементацијата на иницијативата беше поддржана од Владата на Обединетото Кралство.

Г-ѓа Брејтвејт ја поздрави посветеноста на центрите за обуки во правосудството и нивните напори за регионална соработка за владеење на правото и заштита на човековите права. Таа нагласи дека постоењето на мрежата ќе ги постави основите за соработка помеѓу центрите за обуки во правосудството и во други области.

„Мрежата ќе обезбеди можности за зајакнување на врските и соработката помеѓу судиите и практичарите, насочена обука дизајнирана за да има практично влијание, како и длабинско истражување и споделување на знаења, вештини, искуства и идеи поврзани со родовата еднаквост преку структуриран модел на вмрежување и менторство“, заклучи г-ѓа Брејтвејт.

Share This