Граѓанските организации од Западниот Балкан ќе ги набљудуваат судските случаи на фемицид и родово-базирано насилство во 2023 година
28 март 2023 година, Белград, Србија

AIRE центарот, FemPlatz [ФемПлац] и пет партнерски здруженија на граѓани од Западниот Балкан, Центарот за човекови права во демократија од Албанија, Центарот за женски права од Босна и Херцеговина, Центарот за женски права од Црна Гора, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство од Северна Македонија и Виктимолошкото друштво на Србија, во 2023 година ќе набљудуваат судски постапки во случаи на фемицид, обид за фемицид и други случаи на родово-базирано насилство. Почетокот на оваа соработка беше означен со дводневна обука што се одржа во Белград на 27 и 28 март 2023 година. Во текот на обуката беше дискутирано за методологијата на набљудување, вклучувајќи теми како што се избор на предмети кои ќе бидат набљудувани, текот на процесот на набљудување и извештаи од набљудувањето.

„Набљудувањето на фемицидот и родово-базираното насилство е од клучно значење за подлабоко сфаќање на она што се случува зад вратите на судниците и за стекнување сознанија и согледувања за тоа како се водат овие постапки. Веруваме дека ова е еден од првите чекори кои се потребни за делотворна борба против родово-базираното насилство, бидејќи не само што тоа ќе го подобри нашето сфаќање на оваа тема, туку и ќе ни даде идеи за целно насочени активности кои треба да се спроведуваат во иднина“, рече Sabina Đapo [Сабина Ѓапо], проектна менаџерка на AIRE центарот.

Главните наоди собрани преку овој процес на набљудување ќе бидат претставени во споредбен извештај за Западниот Балкан.

„Земјите од Западниот Балкан имаат слични правни, политички и општествени ситуации и околности, па затоа се соочуваат со слични проблеми во борбата против фемицидот. Нашите заеднички активности за набљудување на судските постапки во случаите на фемицид, обид за фемицид и други облици на родово-базирано насилство ќе ја пренесат оваа тема од национално на регионално ниво, така што нема само да се зајакне националното залагање во оваа област, туку и ќе се обезбеди платформа за регионално дејствување“, изјави Билјана Јањиќ, извршна директорка на ФемПлац.

Во јануари 2023 година, АИРЕ центарот започна да го спроведува повеќегодишниот проект „Родова рамноправност и борба против родовото-базирано насилство и фемициди во Западниот Балкан“, поддржан од Владата на Обединетото Кралство. Целта на овој проект е да се зголеми пристапот до правдата за жртвите и оние кои доживеале родово-базирано насилство, преку подобрување на сфаќањето на родовите прашања од страна на судството во Западниот Балкан. Проектните активности ќе се насочат кон усогласување на судската пракса за родово-базирано насилство и фемициди со добрите практики и меѓународните стандарди. Покрај тоа, целта на проектот е да го зголеми знаењето и свесноста за родовите прашања, како и да го подигне капацитетот на судиите и другите судски практичари. Дознајте повеќе на платформата „Род и судство во Западниот Балкан“.

Share This