Родово-базираното насилство налага повеќеслоен одговор
8 март 2023 година

Меѓународниот ден на жената се одбележува на глобално ниво со признавање на социјалните, економските, културните и политичките достигнувања на жените, но и со обрнување внимание на проблемите со кои жените сè уште се соочуваат денес, а тие проблеми се бројни. Образовна и економска нерамноправност, сексизам, мизогинија, недостаток на пристап до еднакви можности, родово-базирана разлика во плати, периодична сиромаштија и стигма, репродуктивни права, родово-базирано насилство и злоупотреба, дискриминација, изолација, недостаток на жени на раководни позиции … тоа се само некои од проблемите. Како може судството да одговори на овие проблеми и во крајна линија да обезбеди заштита на правата на жените и да спречи вршење натамошни повреди? На овој Меѓународен ден на жената разговаравме со Róbert Spanó [Роберт Спано], поранешен претседател на Европскиот суд за човекови права и Biljana Braithwaite [Билјана Брејтвејт], програмска директорка на AIRE центарот за Западниот Балкан, при што стана збор за значајни прашања кои се однесуваат на правата на жените, како и за важноста на зајакнувањето на жените, справувањето со општествената стигма и улогата на мажите во движењето за правата на жените.

Кои се клучните предизвици со кои се соочуваат државите, кои стојат како пречка за поефикасна борба против родово-базираното насилство?

Спано: Ова е тешко прашање бидејќи предизвиците се повеќеслојни. Предизвик број еден е создавањето свесност и менувањето на вкоренетите патријархални гледишта за улогата на жената во општеството. Често пати сум рекол дека родово-базираното насилство е најраспространетото повредување на човековите права во светот.

Брејтвејт: Корените на родово-базираното насилство, вклучувајќи го и фемицидот, се наоѓаат во самото општество и се евидентни во културата на патријархалната хиерархија во која доминира дискриминација на жените, нерамноправност и нееднаква распределба на моќта меѓу жените и мажите. За овој проблем често се зборува со одреден степен на прифаќање, со наведување дека, историски гледано, родово-базираното насилство отсекогаш било проблем што е нашироко присутен во Западниот Балкан и дека затоа тоа е прашање со кое ќе биде тешко да се справиме. Понатаму, за овој проблем често се дискутира од случај до случај и на него се гледа како изолиран проблем на поединци. Има безброј случаи кога за фемицидот се известува во медиумите како за „семеен спор“ или „расправија на љубовници“, што само дополнително води кон опстојување на идејата дека родово-базираното насилство е изолирана, семејна работа, а не проблем на општеството во целина. Со таквото постапување замижуваме пред поголем проблем. Родово-базираното насилство е резултат на сите проблеми со кои се соочуваат жените во сите сфери на јавниот и приватниот живот, а потекнува од образовната и економската нерамноправност, па сè до недоволното вклучување на жените на раководни позиции. Не постои едноставен одговор за проблемот на насилството со кое жените континуирано се соочуваат до ден-денес, а ние мора да вложиме идни напори за справување со сите причини за таквото насилство.

Групите кои се залагаат за правата на жените во земјите од регионот често бараат измени на постоечкото законодавство, системот на санкции и заштитните мерки во судството. Но, што вели праксата? Како да се понудат подобри решенија за борба против фемицидот и другите облици на насилство врз жените во склоп на постоечката рамка?

Спано: Според моето мислење, донесувањето закони за остварување родова рамноправност и казнувањето за родово-базираното насилство и фемицидот е само дел од решението. Постоечките законски рамки мора постојано да се надополнуваат со кампањи, и политички и образовни, со цел релевантните чинители, вклучувајќи ги и судиите/судијките, да бидат делотворни во спроведувањето на законот.

Брејтвејт: Се согласувам, законодавствата во Западниот Балкан до одреден степен реагираат на прашањето за родово-базирано насилство. Меѓутоа, кога станува збор за вистинска примена на овие закони, можеме да забележиме многу прашања кои сè уште се наѕираат при обидите за справување со овој проблем. На пример, иако судските постапки се ефикасни во повеќето случаи во Западниот Балкан, затворските казни сè уште се ниски и недоследни. Поради општествено наметнатата стигма и страв, распространета е практиката на непријавување на родово-базираното насилство, но кога овие случаи ќе стигнат до судниците, казните што произлегуваат од постапките во многу случаи не ја одразуваат длабочината на страдањето на жртвите. Нееднаквиот пристап на судовите, особено кога станува збор за пропустот да се согледаат главните олеснителни и отежнувачки околности, само ја продлабочија недовербата на јавноста во правосудниот систем. Згора на тоа, жртвите често не бараат отштета, а кога бараат отштета, тие се упатени да ја бараат во граѓанска постапка, што може да им нанесе дополнително страдање, како и да ги оптовари судските системи. Недостатокот на доследни и униформирани податоци за овие случаи останува главен предизвик.

Зошто е важно носителите на судски функции да учествуваат во образовните програми кои се однесуваат на родовата рамноправност?

Спано: Судиите/судијките се составен дел од уредувањето на општествената реалност. За тие да бидат способни успешно да се движат низ сложеноста на животот, тие мора да ги разберат основните структури на моќ и обрасците на човековото однесување кои го оживотворуваат законот. Затоа, континуираното образование за прашања како што е родовата рамноправност е важен дел од судиската функција. На крајот на краиштата, родовата рамноправност е еден од темелите на секое општество кое се стреми да биде вистинска демократија водена од владеењето на правото.

Брејтвејт: За жените во балканските општества да живеат не само живот без страв, туку и целосно да учествуваат во сите негови аспекти, родово-базираното насилство мора да се спречува и казнува и на жените да им се гарантира еднаков пристап до услуги и еднаквост во уживањето на сите нивни права. Без судови кои во крајна линија обезбедуваат примена на законите, ние остануваме на ниво на декларации. Со цел дополнително да се надоврзе на вештините, знаењата и практиките на судиите/судијките во врска со родовата рамноправност и родовите стереотипи, минатата година AIRE центарот, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, формираше Мрежа на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност, така што собра истакнати судии и судијки од Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово кои се посветени на јакнење на родовата рамноправност во земјите од Западниот Балкан. Ова е прва мрежа што ги обединува судските професионалци во регионот за унапредување на родовата рамноправност. Најважната порака што правосудните системи ја испраќаат со основањето на оваа Мрежа е дека тие ја препознаваат важноста на родовата рамноправност и се подготвени да придонесат за остварување на човековите права и слободи во регионот. Заедно, ние мора да го поттикнеме ефективното применување на националните, европските и меѓународните правни инструменти за родова рамноправност и да ја олесниме размената на вештини, знаења, искуства и идеи во врска со родовата еднаквост меѓу судиите/судијките и правните практичари од целиот регион. И, конечно, Мрежата СПЈРР ќе го поддржи подобрувањето на професионалниот и личниот развој на судијките во регионот.

Откако ви заврши мандатот како претседател на ЕСЧП, сега имате можност да го споделите искуството на Судот во поширокиот аспект на залагање за заштита на човековите права. Која е вашата мотивација да се придружите како покровител кон Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност?

Спано: Како татко на две девојчиња, длабоко верувам во неотуѓивото право на жените да бидат третирани рамноправно и достоинствено. Во мојата работа како адвокат за човекови права и меѓународен судија, морав да се справам со многу случаи на семејно насилство и човекова трагедија кои потекнуваат од родово-базирано насилство. Сакам да посветам дел од мојот професионален живот за да придонесам кон каузата за родова рамноправност.

Зошто е од суштинско значење мажите да преземаат подеднакво одговорни улоги и проактивни пристапи на патот кон родова рамноправност?

Спано: Затоа што сите сме дел од проблемот, како и од неговото решение. Мажите историски во своите раце ги држеа уздите на социјалната и политичката моќ, што често резултираше со угнетување и потчинување на жените во многу делови од светот. Оваа состојба е едноставно неприфатлива и нечовечка. Без проактивен развој на мажите насекаде и без нивното прифаќање на вистината за целосна родова рамноправност во сите аспекти од нивните животи, ова зло нема да биде искоренето.

Share This