Разоткривање на борбите за родова еднаквост во Северна Македонија – согледувања од судијките Гајдова и Белевска Пројковска
На два дена пред почетокот на Вториот судски форум за родова рамноправност и Западниот Балкан, ја имавме честа да ги интервјуираме судијката Габриела Гајдова од Основниот суд Велес и судијката Билјана Белевска Пројковска од Основниот суд Охрид, кои се членки на Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност (Мрежа СПЈРР), кои дискутираа за значајните предизвици со кои се соочува земјата во справувањето со родово-базираното насилство и ја истражуваа улогата на правосудниот систем во отстранувањето на овие пречки. Овие судијки ги истакнаа клучните пречки во напорите за родова рамноправност во Северна Македонија, почнувајќи од длабоко вкоренетите културни ставови и општествени очекувања, сè до недоволното применување на домашната правна рамка и меѓународните стандарди.
Според вашето мислење, кои се најзначајните проблеми со кои се соочува Северна Македонија во справувањето со родово-базираното насилство и како правосудниот систем може делотворно да придонесе за отстранување на овие пречки?
Габриела Гајдова: Најголемиот проблем во соочувањето со родово-базираното насилство во Република Северна Македонија е родовата несензитивност на институциите на системот, како што се полицијата, јавните обвинителства и судовите. Полицијата е првата институција на која жртвата се обраќа, а ако во тие моменти на жртвата не ѝ се даде поддршка, ако нејзината пријава не се сфати сериозно, ако не ѝ се пружи помош (на пример, ако насилникот не биде отстранет од домот кога со жртвата живеат заедно), жртвата добива впечаток дека е заборавена од системот и дека е оставена самата да го реши својот проблем. Токму затоа, во тие моменти полицијата треба навремено да реагира, да преземе активности за заштита на жртвата и веднаш да започне со собирање докази. Јавните обвинители и судиите не се доволно „родово сензитивни“ за да преземат мерки за заштита на жртвата од повторен контакт со сторителот во текот на целата кривична постапка (со изрекување мерки за заштита, притворање на сторителот и сл.) и да преземат мерки за заштита на жртвата од секундарна виктимизација. Според моето мислење, овие пречки може да се отстранат со креирање прирачници, со промовирање правила за постапување со случаи на родово-базирано насилство и со континуирана обука на полицијата како да постапува кога ќе добие поплака или обвинение за родово-базирано насилство, бидејќи таа е првата институција во која жртвата оди или ѝ се обраќа, како и континуирана обука на јавните обвинители и судиите.
Билјана Белевска Пројковска: Клучен факт е да се подигне свеста на жртвите и да се стекне доверба во институциите на системот, што значи дека ако жртвата пријави насилство, ќе добие соодветна институционална заштита и насилникот бргу ќе биде санкциониран. Ова се должи на фактот што најчесто, во судските постапки, жените кои се жртви на насилство го користат своето законско право како сопруги на обвинетите да одбијат да сведочат. За да се подигне свесноста на жртвите, но и на сторителите, потребен е ефективен систем што опфаќа поддршка за маргинализираните единки, со вклучување на центрите за социјална работа, овозможување материјално обезбедување на жртвите, но пред сè изрекување построги казнени санкции за сторителите на кривични дела од ваков вид, за да се остварат целите на општата превенција.
Дискриминацијата врз основа на пол е вградена во разни аспекти на општеството, почнувајќи од јавниот до приватниот живот на жените. Како може да се зајакнат жените и маргинализираните единки и што е неопходно за вистински да се поттикне многу потребната поширока општествена промена во врска со овој проблем?
Габриела Гајдова: Преку промоција или редовни кампањи или програми за подигање на свесноста, кои треба да се организираат на сите нивоа во општеството. Ова треба, онаму каде што тоа е соодветно, да ги вклучи и да се остварува во соработка со националните институции за човекови права и телата за рамноправост, организациите на граѓанското општество и невладините организации, а особено женските невладини организации. Во формалните и неформалните програми на сите нивоа на образование, онаму каде што тоа е соодветно, треба да се воведе наставен материјал за прашања како што се рамноправност меѓу жените и мажите, нестереотипни родови улоги, меѓусебно почитување, ненасилно разрешување конфликти во меѓучовечките односи, родово-базирано насилство врз жените и право на личен интегритет. Жените треба да се охрабруваат да пријавуваат родово-базирано насилство, преку кампањи во кои ќе се едуцираат за нивните права, обезбедување заштита преку СОС телефони, пристап до невладини организации кои ќе им дадат бесплатна правна помош и секако преку правилен пристап од институциите кои ќе овозможат заштита на жртвите во текот на кривичната постапка и преку квалитетна казнена политика која ќе им покаже на жените дека сторителите на родово-базирано насилство можат да бидат и ќе бидат казнети.
Билјана Белевска Пројковска: Дискриминацијата врз основа на пол е вградена во разни аспекти на општеството, почнувајќи од јавниот до приватниот живот на жените. Како можеме да ги зајакнеме жените и маргинализираните поединки и што е неопходно за навистина да постигнеме многу пошироки општествени промени во врска со овој проблем? Два клучни фактори влијаат врз жените и маргинализираните поединки да го добијат своето заслужено место во општеството, а тоа се образованието и финансиската независност. Воспоставување систем на превенција преку унапредување на родовата рамноправност, преку спроведување кампањи за родова рамноправност, почнувајќи од образовните институции, со цел да се промени фактот на постоењето на сфаќањето за доминација на машкиот род. Учество на сите општествени чинители од владиниот и невладиниот сектор, пред сè во делот на спречување родово-базирано насилство, а потоа и во областа на овозможување институционална поддршка на жртвите. Според моето мислење, правосудниот сектор има клучна улога во овој сегмент, пред сè преку креирање и практикување построга казнена политика при изрекување санкции за сторителите на кривични дела од овој вид.
Повереничката за заштита на рамноправноста во Србија, Бранкица Јанковиќ, истакна дека многу загрижува бројот на убиства и родово-базирано насилство врз жените во целиот регион, поради што одржувањето на Вториот судски форум „Родовата рамноправност и Западниот Балкан“ е исклучително важен настан за регионалниот дијалог за решавање на овие проблеми.
„Овој форум дава можност судските и другите релевантни професионалци да разменат искуства и знаења, со крајна цел да се оствари делотворна борба против семејното и партнерското насилство. Навременото препознавање на насилството и проценката на неговото ниво на опасност, делотворната размена на информации меѓу релевантните институции и применувањето на мерки насочени кон зајакнување и осигурување на безбедноста на жените се витални аспекти во решавањето на прашањето на родово-базираното насилство, кои се исто така како важни како и гонењето и санкционирањето на сторителите“, рече Јанковиќ.
Една од главните теми на овогодинешниот форум е ефикасен судски одговор на фемицид и други случаи на родово-базирано насилство во регионот, а судиите и другите експерти ќе разговараат за најдобрите практики поврзани со истрагата, гонењето и казнувањето на овие кривични дела. Покрај тоа, како дел од Форумот ќе биде претставен и Регионалниот извештај за одговорот на судството на фемициди во Западниот Балкан.
„Фемицидот, односно родово-базираното убивање на жените, е феномен што е присутен и распространет во сите земји, но не се зборува доволно за оваа најтешка форма на насилство врз жените, особено во судските кругови. Истражувањето на судската пракса во врска со фемицидот во сите земји, покрај одредени разлики и специфичности за секоја земја, покажа многу сличности, поради што овој форум е можност со судии од сите земји да се разговара за препораките дадени во извештајот, кои ја опфаќаат целата постапка, од правилна квалификација на кривичното дело до пресудување и казнување“, рече Косана Бекер, програмска директорка на невладината организација Фемплац и авторка на овој извештај.
Земјите од Западниот Балкан споделуваат слични проблеми кога станува збор за борбата за родова рамноправност. Затоа, AIRE центарот, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, ја формираше Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност.
„Насилството врз жените е сеприсутно и многу тешко повредување на човековите права. Тоа е ендемско, постојано присутно во нашите заедници. Судскиот систем е основна компонента на правдата и одговорноста за кривичните дела извршени врз жените. Меѓутоа, за да биде ефективен, сите учесници во тој систем мора да имаат знаење и алатки за да ги разберат основните општествени обрасци на родово-базираното насилство и неговото потекло. Форумот е важен дел од нашите напори во овој поглед“, рече Róbert Spanó [Роберт Спано], претседател на Одборот на покровители на Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност и поранешен претседател на Европскиот суд за човекови права.
Денес мрежата собира над 60 судии од регионот, а за нејзините следни чекори ќе се разговара на вториот ден од Форумот. Примарната мисија на оваа мрежа е да ги подобри вештините, знаењата и праксата на судството во однос на родовата рамноправност и родовите стереотипи, да поттикне делотворна примена на домашните, европските и меѓународните правни инструменти, како и да поттикне професионален и личен развој на судијките во регионот.
Кои се клучните делови од законската рамка во Северна Македонија кои можат да го олеснат воспоставувањето на суштинска родова рамноправност и да се справат со дискриминацијата и родово-базираното насилство? Каков е вашиот пристап при применувањето на овие закони?
Габриела Гајдова: Европската конвенција за човекови права; Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство; Уставот на Република Северна Македонија, кој ги гарантира основните човекови слободи и права на граѓаните на Република Северна Македонија; Кривичниот законик; Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој предвидува привремени мерки за заштита на жртвите на родово-базирано насилство; Законот за спречување и заштита од дискриминација; Законот за исплата на паричен надоместок на жртви на кривични дела со насилство; Законот за бесплатна правна помош и сл. Нема проблем во применувањето на законите од страна на јавните обвинители и судиите. Проблемот е во тоа што жртвите не се доволно информирани за своите права и не се информирани дека одредени дејствија што ги преземаат сторителите се кривични дела, како што е демнењето. Исто така, проблем е и несериозниот пристап на полицијата кон пријавите на жртвите на родово-базираното насилство. Доколку се отстранат овие пречки и предметите стигнат до јавното обвинителство и до судот, нема проблем во применувањето на законите. Единствениот проблем во оваа сфера би била политиката на благо казнување и третирањето на родово-базираното насилство како лесно кривично дело.
Билјана Белевска Пројковска: Посебна придобивка за правниот систем на Република Северна Македонија во борбата против родово-базираното насилство е донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој влезе во сила на почетокот на 2021 година. Овој закон јасно го дефинира родово-базираното насилство и прави разлика помеѓу овој поим и поимот семејно насилство. Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство од 11 мај 2011 година, позната како Истанбулска конвенција, е најзначајниот меѓународен документ за борба против семејното насилство. Република Северна Македонија е потписничка на оваа конвенција од 8 јули 2011 година. Со ратификацијата и применувањето на оваа Конвенција, донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и измените на Кривичниот законик кои влегоа во сила во месец февруари 2023 година, терминот родово-базирано насилство е дефиниран за прв пат во нашиот правен систем. Рамноправноста меѓу жените и мажите de jure и de facto е клучен елемент во спречувањето на насилството врз жените. Конвенцијата поставува цели за ефикасна борба против насилството врз жените и семејното насилство, а она што е особено значајно е тоа што Конвенцијата го дефинира насилството врз жените како повреда на човековите права, а во семејно насилство спаѓаат сите дејствија на физичко, сексуално, психолошко или економско насилство кои се јавуваат како дел од насилство во рамките на семејството или се предвидени во домашното законодавство.
До Вториот Судски форум за родова еднаквост и Западниот Балкан, главен меѓународен настан за судскиот одговор на родово-базирано насилство и дискриминација, остануваат уште два дена. Форумот е организиран од AIRE центарот, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство и има за цел да се осврне на прашањето како судството може да се справи со различните видови родови нееднаквости во Западниот Балкан. Овој настан е на високо ниво и тој ќе ги собере клучните судски чинители од регионот и пошироко, вклучувајќи претставници од Европскиот суд за човекови права, претставници од важни судски и други државни институции во регионот, универзитетски професори и невладини организации.